Јорданов повторно обвиниува – Бочварски се изживува со граѓаните на штипска Автокоманда

Штипјанецот и Министер за транспорт и врски, Благој Бочварски се изживува со жителите од штипска Авкоманда, обвини денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Проектот кој Општина Штип го аплицираше, преку Министерството за транспорт и врски, а финансиран од страна на Светска банка, е поделен во две фази. Првата фаза реконструкција на водоводната и канализациона мрежа и земјените работи се завршени од страна на општината. Создадени се сите предусови за асфалтирање, ама повеќе од дваипол месеци Министерството не асфалтира, вели Јорданов.

„Министерството за Транспорт и врски управувано од штипјанецот Благој Бочварски се изживува со жителите од населба Автокоманда во Штип. Повеќе од дваипол месеци овие улици се припремани и потврдени од страна на надзорот дека може да бидат исасфалтирани, но само заради тоа што Министерството има надлежност последната фаза од проектот се развлекува за да се креира и создаде нервоза кај овдешните жители“ – вели Јорданов.

Фирмата изведувач е блокирана од сите банки, а нема налог под итно да ги асфалтира улиците, ниту пак се раскинува договорот за да може да се избере друга фирма, додава Јорданов. Дали финансиската корист е причина заради која не се асфалтираат улиците и уште низа прашања упатува до Министерството за транспорт и врски.

„Фирмата изведувач која треба да го асфалтира последниот асфалтен слој на улиците е фирма која е блокирана од страна на сите банки, фирма која не е ликвидна. Дали има одредена финансиска корист минстерот за транспорт и врски зошто досега го нема раскинато договорот со фирмата изведувал што не се придржува на договорот и која не асфалтира. Дали финасиската корист е причина да и покрај сите овие работи на формата не и е наложено, односно не е раскинат договорот за да се избира друга фирма, друг најевтин, насоодветен понудувач кој за два дена ќе ги изасфалтира овие улици“ – прашува Јорданов.

Парите кои ги позајмува Светска банка треба да бидат искористени и граѓаните на штипска Автокоманда да не газат по кал и прашина. Јoрданов додава дека парите не се на Министерството за транспорт и врски и нечовечки е улиците толку долго време да останат неасфалтирани.

Лаура Стојанова М-Нет