
Петиција за олеснување на месечниот надоместок ќе потпишуваат родителите на децата кои се згрижени во детската градинка „Вера Циривири – Трена“ во Штип. Откако претходно пристигнуваа реакции за тоа дека децата не се примаат во установата за време на штрајкот на вработените, кој трае веќе две недели, сега родителите ќе собираат потписи за олеснување на месечниот паричен надоместок за згрижувањето на децата.
„Нашите деца во овој период не се згрижени од страна на градинката поради тековниот штрајк на воспитувачите и негователите. Согласно со ова, бараме да ни биде намален месечниот надоместок за деновите додека трае тековниот штрајк, бидејќи нашите деца не се одбиени и не се згрижени во градинката, за што и ја потпишуваме оваа петиција.“ – се вели во испратениот документ, во кој стои и дел за име на родител, име на дете и потпис.
Оваа недела се примаа само децата од групата јасли, минатата, пак, децата биле вратени со образложение дека во градинката нема вода. За ова надлежните си ја префрлуваат одговорноста. Родителите реагираа дека директорката, Софка Атанасова, им велела дека одговорноста е на градоначалникот, кој категорично го отфрли ова и како единствен одговорен за менаџирањето ја посочи Атанасова.
Во меѓувреме, штрајкот на вработените во образованието продолжува, и покрај разговорите, договор нема. Премиерот Ковачевски е со став дека заедничко решение може и мора да се најде, но СОНК треба да биде искрен пред своите членови и да води дијалог, а не разговори под уцена.
„Ние ја покачивме минималната плата и постои законски рок од шест месеци за усогласување на платите, СОНК без да го отвори дијалогот во рамки на тие шест месеци го започна штрајкот. Според мене ги доведе до заблуда и наставниците, бидејќи кога претседателот на СОНК ги образложуваше членовите од договорот за исплаќање на плата во време на штрајк, не беше искрен до крај. Не ги кажа точните членови и не ги кажа до крај сите членови во однос на тие законски решенија, тоа треба да го направи. Второ, ние кажавме дека ќе разговараме со репрезентативниот синдикат во однос на зголемувањето на платите на јавниот сектор, во однос на воведување нова методологија за зголемување во иднина на платите во јавниот сектор“, рече Ковачевски.
Инаку, СОНК не го прифати предлогот на Владата за зголемување од 10%, а Владата постојано е со повик наставниците и воспитувачите да се вратат во училиштата.
Ребека Спасова М-Нет