
Одбојкарите на Штип УГД во претходното коло го совладаа шампионот Струмица и со тоа забележаа важна победа и најавуваат атак на двојната титула.
Одбојкарот на Штип УГД и репрезентативец на Македонија, Костадин Ричлиев, за М Нет вели дека квалитетот може да се подигне на уште повисоко и да се напаѓа двојната титула.
„Натпреварот со Струмица покажа дека нашиот тим ја игра најатрактивната одбојка во првата одбојкарска лига на Македонија. Сепак, сметам дека тоа не е нашиот максимум и дека имаме капацитет со квалитетни тренинзи како до сега и со максимално залагање од целиот тим да го подигнеме нашиот квалитет на уште повисоко ниво и да ја нападнеме двојната титула“, вели Ричлиев.
Следен натпревар за штипскиот одбојкарски клуб ќе биде против Работнички, а Ричлиев верува во добар и квалитетен меч.
„Следниот натпревар го играме против екипата на Работнички од Скопје, добра екипа со тројца нови играчи од странство. Верувам во добар и квалитетен меч и потврдување на нашиот квалитет и амбиции и трите бода остануваат во Штип. Благодарност до публиката која ни даваше поддршка и допатува во Струмица минатото коло, но сега играме на домашен терен и ја повикувам штипската јавност да дојде во голем број, да ја наполниме салата и заеднички да славиме“, додава Ричлиев.
Штип УГД е актуелен освојувач на одбојкарскиот Куп на Македонија, штипјани ќе ја бранат титулата во Купот, но ќе напаѓаат и за титула во лигата.
Александар Ванев, М-Нет