
Уште еден огромен успех за Дејан Георгиевски кој го освои сребрениот медал на силниот Меѓународен таеквондо турнир „Турција опен Г2“, кој се одржуваше во Анталија. Овој турнир ја собира целата таекводно елита од целиот свет, а турнирот важи за еден од најголемите и најсилните.
Македонскиот олимпискиот вицешампион имаше две победи против репрезентативец на Турција со 1:0 и со репрезентативец на Узбекистан со 2:1, потоа во полуфиналето славеше со 2:1 против репрезентативец на Азербејџан.
Во финалниот меч Георгиевски беше поразен од Марат Мавлонов од Узбекистан со резултат од 1:2.
Георгиевски е единствениот наш домашен олимписки медалист, а во Турција нашите репрезентативци беа предводени од помошникот селектор Стефан Костовски.
Од Македонија исто така настапи и Филип Блажевски, кој пак забележа победа против Турчинот Абдулкадир Инан со 2:0, а потоа загуби од Турчинот Мехмет Кани Полат со 0:2. Сепак, за Блежавски овие натпревари и учеството на вака силен Меѓународен турнир е одлично за собирање на искуство.
Александар Ванев, М-Нет