
Глутница кучиња во централното градско подрачје во Кочани проблем за жителите. Преку писмена рекација, велат дека бројот на кучиња постојано се зголемува, додавајќи дека проблемот станува поголем бидејќи кучињата стануваат агресивни. Граѓаните велат дека честопати во трговскиот центар и во градскиот парк во Кочани кучињата напаѓаат, а таму има и голем број на деца.
Жителка на Општина Кочани сведочи дека нејзиниот татко бил нападнат од куче скитник во градскиот парк. Тогаш како што вели од општината добила одговор дека КЈП „Водовод“ Кочани нема активен тендер за заловување на кучиња скитници.
Од овде се појавува и уште поголема загриженост бидејќи кучињата се множат, а граѓаните не смеат безбедно да се движат во центарот на градот.
За ваквиот проблем одговор побаравме и од Општина Кочани. Од таму велат дека заловувањето на кучиња скитници е надлежност на КЈП „Водовод“ Кочани. Додаваат дека оваа недела ќе биде распишен нов тендер за оваа тековна 2025 година и ќе почне заловувањето на кучињата скитници. Годинава според програмата за работа се издвоени еден милион денари, и се очекува намалување на бројот на кучиња скитници. Претходната 2024 година Општина Кочани кучињата скитници ги заловуваше преку ветеринарни станици од Виница и Куманово.
Проблем е и што кучиња се носат од други места или пак несовесни сопственици ги оставаат своите миленичиња на улица. Од општината апелираат и граѓаните да бидат посовесни со цел заеднички да се работи на проблемот и да се намали бројот на кучиња скитници по улиците во Кочани.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет