Реставрација на тврдината Исар и куќите во штипско Ново Село приоритет наредниот период

Реставрација на тврдината Исар, како и реставрација на куќите во штипско Ново Село се приоритетните проекти за оваа година во областа на културата. Со поддршка на Министерството за култура и туризам, Општина Штип во наредниот период ќе започне со реализација на овие проекти, кои преставуваат белег на градот.

„Ќе го акцентирам проектот за реставрација на тврдината Исар, кој е белег на градот Штип, исто така проектот за реставрација на куќите во Ново Село кои се заштитени, нешто што ни е приоеритет за оваа и следната година и се надевам но и сум сигурен ќе добиеме поддршка од ресорното министерство во насока на реализација на овие проекти со кои ќе се даде значење на ова културно наследство кое го имаме“ – вели Јорданов.

При денешната посета на министерот за култура, Зоран Љутков, во Штип, се дискутираше и за други проблеми, како вработувањето и течењето на кровот на штипскиот театар. Тој посочи дека на ова треба да се работи во периодот кој следи со цел да се подобри сликата во културата.

„За Центарот за култруа дека е во добра кондиција, не е нешто страшно таму. Но, верувајте веќе како земја заостануваме со сценската технологија и со новите трендови и можностите кои треба да ги имаме како една современа држава. И се разбира проблемот со кадровската екипираност во скоро сите институции во културата. Во театарот кровот прокиснува, веќе ситиацијата е алармантна.“ – вели Љутков.

Љутков секојдневно е на терен по општините со цел да се мапираат проблемите во културата и да може да се работи на нивно решавање.

Лаура Стојанова М-Нет