Реми на дербито меѓу Рудар и Слога, Тиверија до прва радост, Овче Поле е нов лидер

Денес беа одиграни натпреварите од 6. коло од Третата македонска фудбалска лига – Исток, а гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност во живо преку директен пренос од Пробиштип да го проследат дербито меѓу Рудар и ланскиот второлигаш Слога од Виница.

Епилогот од мечот кој се одигра на Градскиот стадион во Пробиштип беше поделба на бодовите, откако двете екипи одиграа 1:1, резултат кој воопшто не му оди во прилог на ланскиот второлигаш од Виница.

Првиот дел помина со чисти мрежи и 0:0 на полувреме, а во вториот дел Христијан Ристов во 58. минута обезбеди предност за Слога. На пет минути пред крајот на мечот во 85. минута Мартин Спасов ја стресе мрежата на Петар Лазаров за конечни 1:1 и поделба на бодовите.

Овче Поле со 3:1 на домашен терен славеше над новајлијата Ударник и изби на врвот од табелата, откако Вардарски во оваа коло беше слободен.

На полувреме Овче Поле имаше предност од 1:0 со голот на Симонов, а во вториот дел Нацев и Трендафилов зголемија на 3:0. Во 79. минута Тенекеџиев го ублажи поразот на конечни 3:1.

Карбинци со убедливи 3:0 го декласираше Дојранско Езеро на домашен терен и стигна до второ сезонско славје. Сердар Адемов беше стрелец на два голови со што на полувреме домашниот тим имаше предност од 2:0. Во финишот на мечот Дејан Стојанов постигна гол за конечни 3:0.

Тиверија стигна до прво сезонско славје откако сезоната ја отвори со катастрофални порази. Денес струмичани со 3:2 забележаа победа над Малеш од Берово на домашен терен. Ване Пандевски во 12. минута погоди за 1:0 резултат со кој се замина на полувреме.

Во вториот дел Бојан Радински постигна гол за 1:1, а пак Ерол Пилов во 60. минута го сврти резултат и обезбеди водство за Малеш од 1:2. Во финишот на мечот Јани Јанков со два гола ги постави конечните 3:2 за прво славје за Тиверија.

Лидер на табелата е Овче Поле со 14 бодови, Вардарски со меч помалку и 11 бодови е на второто место, Рудар е трет со 8 бодови, колку што имаа Малеш и Дојранско Езеро. Карбинци е на 6. место со шест бода, а бод помалку има Слога која сега е седма, Тиверија е осма со 3 бода, а на дното е Ударник со два бода.