Пораз за Брегалница од Шкупи, Вардар со пенал до триумф во скопската пресметка со Работнички

Фото: ФК Шкендија

Денес беа одиграни натпреварите од 11. коло од Првата македонска фудбалска лига. Штипска Брегалница гостуваше во Куманово каде играше против Шкупи во меч каде „гулабите“ со минимални 1:0 го освоија целиот „плен“.

Штипските „сини“ го запишаа шестиот сезонски пораз и остануваат на делба на седмото место со 13 бодови колку што има и Работнички. Човек на одлука на стадионот на Башкими во Куманово беше Дарко Илиевски кој во 4. минута го постигна победничкиот гол за Шкупи.

Скопската пресметка меѓу Работнички и Вардар во Маџари заврши со минимален триумф за „вардарци“ кои со гол во 75. минута од пенал преку капитенот Дарко Мицевски стигнаа до својот втор сезонски триумф.

Вардар стигна до првата гостинска победа, во дуелот на некогашните лути ривали Работнички и Вардар кои „војуваа“ за шампионски титули, а сега се на долниот дел од прволигашката табела, поточно Вардар останува закован на дното од табелата и мака мачи да се излезе од опасната зона која води во Втора лига.

Шампионот Струга Трим Лум со убедливи 0:3 ја декласираше Македонија ЃП на гостински терен во меч на голема доминација стружани. Гостинот уште во 8. минута преку Ванџел Згуро дојде до водство од 0:1, а пред крајот на првиот дел Ментор Мазрекај погоди за 0:2 на полувреме.

Во второто полувреме Струга влезе релаксирано и стигна и до трет гол за конечни 0:3 откако во 81. минута Бесарт Ибраими постигна погодок.

Дербито на ланските второлигаш Гостивар и Воска Спорт заврши без победник откако двете екипи ремизираа играјќи 1:1 во меч каде домашниот тим во финишот се спаси од пораз, а гостинот од Охрид мораше да се задоволи само со бод и никако да се одлепи од долниот дел од табелата.

Најдобриот стрелец во Првата лига Алекса Марушиќ во 66. минута постигна гол за водство на Воска Спорт од 0:1. Херој за домашниот тим беше скапото засилување Алпер Потук кој во 90. минута постигна гол и го спаси Гостивар од пораз.

Силекс ги освои трите бодови во дуелот со Тиквеш откако на домашен терен со минимални 1:0 го доби лутиот противник и со тоа продолжува да се бори за излез во Европа.

Марјан Ристовски беше херојот за кратовци кој во финишот на мечот постигна гол за минимална победа.

Брера не издржа до крај и мораше да се задоволи само со бод на тешкото гостување против лидерот Шкендија во Тетово каде одигра 1:1. Струмичани имаа водство со голот на Леонардо Антонио во 76. минута, а Аденис Шала погоди за 1:1 во 80. минута.

Што се однесува до табелата Шкендија со 24 бодови е на врвот од табелата, два бода помалку има Шкупи кој е втор, додека пак Струга која има меч помалку со 21 бод е на третото место. Силекс е на 4. место со 19 бодови, а потоа следува Брера Струмица со 15 бодови која е на 5. место.

Тиквеш е шести со 14 бодови, а по 13 бода имаат Брегалница и Работнички кои го делат седмото место. Со по 11 бодови Македонија ЃП, Воска Спорт и Гостивар го делат деветтото место, а на дното со осум бодови е Вардар.