Ракометарите на штипски Текстилец загубија во Богданци од фаворитот Младост, бодовите останаа во Свети Николе

Без изнанедувања се одбележа 22. коло на Првата ракометна лига, каде фаворитите стигнаа до бодовите. Ракометаите на Текстилец УГД од Штип беа убедливо поразени во Богданци од фаворитот Младост со резултатот од 36:19.

Од самиот старт тимот на Горан Андоновски започна да гради предност и истата само се зголемуваше во текот на мечот. Даниел Андоновски и Лазар Адамовиќ беа најдобри стрелци со по седум гола, а пак Милислав Петров и Јован Величков постигнаа по четири гола.

Бодовите останаа во Свети Николе откако Овче Поле со 33:25 го доби Шампион преку Александар Димитров кој со шест гола беше прво име кај домаќинот, а за гостинот Давид Јовчевски постигна десет гола, но недоволно за поволен резултат.

Драчево Јуниор доби службени резултат од мечот со откажаниот Кичево.

Скопското дерби му припадна на тимот на Македонија ЃП кој со 29:26 го доби Аеродром. Неизвесен меч со често менување на резултатот, со среќен крај за „лавовите“.

Мартин Бучуковски беше прво име кај победникот со девет гола, а толку имаше и Бојан Божиновски во таборот на поразените.

Лидерот Мулти Есенс воопшто не измачи за да ги освои бодовите во мечот со Јехона, откако тимот од Автокоманда со 44:27 го доби гостинот од Гостивар.

Јулијан Матевски со 11 реализации го водеше Мулти Есенс до уште една голема победа, кај Јехона очекувано прв стрелец беше Адис Салиу со седум гола.

Вардар Неготино ја декласираше Преспа со 35:22 во меч каде Ѓорѓи Орешков со 17 погодоци сам го реши мечот, а пак кај гостинот од Ресен Христијан Ристевски беше најдобар стрелец со осум гола.

На врвот нема промени – Мулти Есесн е прво со 38 бодови, Младост е втор исто со толку бодови, Драчево Јуниор е трет со 33 бодови. Текстилец од Штип е седми со 20 бодови, а Овче Поле е десетти со 12 бодови.

Александар Ванев, М-Нет