Работнички со две нови засилувања во еден ден – Аритон Мехмеди и Џејсон Езеб

Фудбалскиот клуб Работнички продолжува активно да го комплетира ростерот за продолжението од сезоната, откако во текот на денешниот ден промовираше две нови засилувања во офанзивната линија.

Најново име во таборот на „романтичарите“ е Аритон Мехмеди, младински репрезентативец на Македонија до 19 години, кој пристигнува од редовите на ФК Шкупи. Мехмеди настапува на крилните позиции и важи за перспективен фудбалер, од кого во Работнички очекуваат да донесе брзина и продорност во нападот.

Претходно, договор со клубот потпиша и Џејсон Езеб, 19-годишен напаѓач кој доаѓа од холандски Дордрехт, а во својата кариера минал и низ младинските академии на Хамарби и Феенорд. Станува збор за централен напаѓач кој треба да ја зголеми конкуренцијата во офанзивата на скопскиот прволигаш.

Со овие два трансфери, Работнички јасно покажува дека се насочува кон ангажман на млади и перспективни фудбалери, со цел да создаде тим кој ќе биде конкурентен во пролетниот дел од шампионатот. Од клубот им посакаа добредојде на новите фудбалери и успешни настапи во црвено-белиот дрес.