
Одбојкарите на Штип УГД забележаа убедлива победа на гостувањето кај Работнички и лесно стигнаа до триумф од перфектни 0:3 во сетови.
Низ сите три сетови штипјани доминираа, а скопскиот тим немаше решение за актуелниот освојувач на Купот на Македонија кој беше перфектен во секој сет.
Уште во првиот сет момците на Кристиан Ристески го освоија сетот со 12:25, во вториот сет уште еднаш се потврди одличната игра на штипскиот тим со 14:25, а пак во третиот сет резултатот беше 19:25 за конечни 0-3 во сетови.
Продолжува одличната игра на Штип УГД и веќе тимот на Ристески е во неверојатна форма и супериорно чекори кон двојната круна, односно одбрана на Куп титулата и освојување на шампионската титула.
Во однос на останатите резултати од третото коло на плеј-офот шампионот Струмица го доби Сушево со 3:2 во сетови, а пак ГОК Борец беше пресилен за Универзитет во Тетово со 3:0 во сетови.
Во однос на плеј-аутот таму пак беа забележани исто така убедливи победи. Шкендија со 3:0 на домашен терен ја доби Јанта Волеј, а пак Скопје со 0:3 славеше против Весна Пробиштип на гостински терен. Екипата на Лирија исто така однесе висока победа од 1:3 против Македонија Џио.
Александар Ванев, М-Нет