Работнички донесе млад напаѓач од Холандија – Џејсон Езеб ново име во нападот

Фудбалскиот клуб Работнички продолжува со кадровско засилување во пресрет на продолжението од сезоната, откако потпиша договор со младиот напаѓач Џејсон Езеб кој има шведско државјанство.

Станува збор за 19-годишен офанзивец кој во таборот на „романтичарите“ пристигнува од холандскиот клуб Дордрехт, а зад себе има и солидна младинска фудбалска школа. Езеб својата фудбалска едукација ја минал во академиите на шведски Хамарби и холандскиот гигант Феенорд, што говори за неговиот потенцијал и развој во силни европски средини.

Младиот напаѓач игра на позицијата центарфор и се очекува да внесе свежина и дополнителна конкуренција во офанзивната линија на Работнички во пролетниот дел од шампионатот.

Од клубот му посакаа добредојде и успешни настапи во црвено-белиот дрес, со надеж дека Езеб ќе успее да го потврди својот потенцијал и да придонесе за резултатите на скопскиот прволигаш.