
Работнички минатата сезона се бореше за шампионската титула, обезбеди излез во Европа, но оваа сезона се бори за опстанок во елитата.
„Романтичарите“ се во длабока резултатска криза која се рефлектира со трета тренерска промена. Шефот на стручниот штаб Алпарслан Ердем и тренерот Бобан Бабунски се минато во Работнички по серијата лоши резултати.
Бојан Маркоски го презеде тимот во летните подготовки и го водеше тимот, но по лошите резултати, Ердем и Бабунски дојдоа со цел да го стабилизираат клуб резултатски, но немаше ништо од тоа.
Тимот од Дебар Маало по 13 кола има една победа, четири ремија и дури осум порази, па со седум бодови е на претпоследното место на табелата во Првата лига, притоа има и негатива гол разлика од 12 постигнати и 22 примени погодоци или минус десет.
Работнички ќе ја искористи репрезентативната пауза за да назначи нов тренер, а со тоа новиот стратег да има доволно време да ја подготви екипата бидејќи во рамки на 14. коло екипата на Работнички ја очекува тешко гостување кај шампионот Шкендија во Тетово.
Покрај Работнички и Шкупи кој е во резултатска криза, лоша серија на резултати има и Македонија ЃП, а таму оставки поднесоа тренерот Бобан Грнчаров и спортскиот директен Александар Бајевски, а веќе во фудбалските кругови се зборува дека тимот од Ѓорче ќе има нови сопственици, а непознато беше зошто тимот настапи против Шкендија во Тетово со младинци.
Од последните пет натпревари Македонија ЃП има една победа, две последователни ремија и два порази во низа.
Репрезентативната пауза ќе биде добредојдена за екипите со цел да се косолидираат особено тие од долниот дел на табелата кои ќе водат тешка борба за опстанок.
Александар Ванев, М-Нет