
Протест против „Депонијата на смртта“ во Кочани, граѓаните ќе собираат потписи за дислокација на градската депонија. Со маски против загаден воздух ја искажаа својата револтираност од ситуацијата. Велат дека досегашните третирања не даваат резултати, а тие се гушат во чад. Загадувањето на воздухот да се стави под контрола, оти ситуацијата е алармантна, вели организаторот на протестот.
„Жителите на село Бели бараат градската депонија, која денес игра улога на регионална депонија да се затвори и конзервира и на нејзино место да се изгради еко парк. Ќе собираме потписи за дислокација на депонијата. Бараме и Ромите кои живеат на депонијата да бидат отстранети од таму бидејќи прават штета и ја потпалуваат депонијата. Бараме КЈП Водовод да започне со третманот со алги со цел да се стави загадувањето под контрола.“ – вели Паунов.
Во село Бели жителите не можат да отворат прозор или врата. Живеат затворени дома оти кога чади не се дише – сведочат тие. Крајно време е велат да се стави крај на овој долгогодишен проблем со кој се соочуваат.
„Таа гори и чади секојдневно. Во Бели сега едноставно не се дише. Штом ќе зачади се затвораат прозорци, се спуштаат ролетни, надвор нема стварно живот. Крајно време е да се реши проблмот. Ова е стварно катастрофално. Проблемот е и во Нивичани, Подлог, се чувствува страшна главоболка. “ – вели Цебов.
Од граѓанските здруженија статистички велат дека зголемен е бројот на лица заболени со канцер, а пораст има и на бројот на лица кои имаат респираторни болести.
„Во Кочани статистичките податоци покажуваат дека имаме 328 новодијагностицирани заболени од канцер само за месеците април и мај. Со 24 до 28 илјади жители ние имаме 19 илјади заболени со ресипраторни болести“ – вели Симеонова.

Изнаоѓање на соодветно решение е потребно со цел побрзо да се стави крај на чадењето на депонијата со што и граѓаните нема да се гушат во загаден воздух.
На градската депонија во Кочани се носи ѓубрето од Виница, Зрновци и Чешиново – Облешево, кои ги затворија своите депонии. Предвидено е да се затвори и кочанската депонија, а ѓубрето да се изѓубрува на регионалната депонија која треба да се пушти во функција во Свети Николе.
Лаура Стојанова М-Нет