
Промовирана книгата „Сведоштва и вистини за Воден и воденско“ од авторката Благојка Филипчева. Организатор на промоцијата беше Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“, од каде велат дека книгата во најголем дел ги содржи сведоштвата на таткото на авторката.
„Уште на почетокот кога се роди идејата за оваа книга, бевме повикани од Благојка Филипчева да помогнеме со наши луѓе кои се по потекло од Егејска Македонија и да ѝ помогнеме со свои сведоштва да кажат што се случувало и како ја доживеале војната. Ние во тој дел помогнавме и врз основа на таа соработка имавме чест да бидеме организатори денес“, истакна Трајче Димков.
Целта на настанот е да се покаже што сѐ се случувало во Егејска Македонија за време на Граѓанската војна, а според авторката, целта е да не се заборават сите оние кои загинале за Македонија.
„Јас книгата ја посветив на мојот татко и можам да кажам дека овде сите му запаливме свеќа, и тоа не само нему, туку на сите кои загинале за Македонија. Целта ми беше да не се заборават овие луѓе. Да се поклониме, длабок наклон за сите тие“, рече во своето обраќање авторката.
Настанот се одржа во штипската Библиотека, а промоторки на книгата беа проф. д-р Виолета Ачковска и проф. д-р Нада Јурукова.
Ребека Спасова М-Нет