
Мај и јуни познати како матурски месеци, годинава се значајни за уште една генерација. Симболично, во дворот на штипската Гимназија дел од генерацијата 1968/1972 одбележа половина век од матура. За повеќето од оваа генерација, јубилејот е големо одбележување со огромно значење, преку што се потсетуваат на убавите мигови од школувањето.
„Ми значи доста, затоа што 50 години не е мал период. Се радувам затоа што ќе се видиме со луѓето со кои сме школувале. Сите коишто го имаме овој јубилеј треба да го прославиме“, истакна Виолета Ѓоргиева.
„Раритет е да доживееш и да го славиш овој јубилеј оти повеќе од половина од животот е пресвртница. Уште поголемо задоволство е да ги видиш своите школски и да ги споделиш спомените“, истакна Стојан Маролов.
„Сакам да кажам дека овој ден е посебен ден за нас како генерација, големо задоволство ми е што ќе се видам со колегите“, рече Тодор Серсемов.
Генерацијата сега брои многу економисти, новинари, спортисти, музичари и доктори во пензија. На јубилејот се потсетија на повеќето училишни активности, а особено на спортските игри, преку кои, како што велат, им поминала младоста.
„Нам на овој кош ни помина младоста, другиот беше висок, ама на овој секојдневно игравме кошарка.“
На одбележувањето беше и еден од класните раководители на петте паралелки во генерацијата, кој имаше само пофални зборови за своите ученици.
„За генерацијата имам само пофални зборови, некои од нив ми се и колеги, пензионери. Им посакувам само здравје, љубов и среќни пензионерски денови“, вели класниот раководител, кој бил наставник по Хемија.
Педесетгодишниот јубилеј го одбележаа преку заедничко поминато време и согласни се дека ваквите мигови се повод за повторно собирање на едно место.
Ребека Спасова М-Нет