
На десет дена пред жетвата земјоделците од Овче Поле со очекувања за добри приноси на јачменот, но не и на пченицата. Претседателот на Здружението „Овчеполски фармер“, Ангелчо Стојчов, вели дека помалите приноси на пченицата се должат на неквалитетниот семенски материјал, како и на тоа што навремено не го фрлиле ѓубрето, чија цена се зголеми за 300 посто.
„Индивидуалните земјоделци и приватниот сектор не можеа да фрлат ѓубре навреме и мислам дека 90 % не фрлија ѓубре и затоа посевите од пченица се многу слаби. Додека јачменот е малку подиво растении и може да има подобар принос, се очекува да биде околу 2,5 тони на хектар, а пченицата ќе биде катастрофа и мислам дека од еден до еден и пол тон нема да биде повеќе“, вели Стојчов.
Во моментов откупната цена е околу 20 денари, но се очекува и намалување во екот на жетвата. Според Стојчов, земјоделците се подготвени и да ги складираат житните култури, чекајќи повисока откупна цена.
„И да дадат висока цена за пченицата, овде во Овче Поле веќе почнува да ја однемува, бидејќи приност ќе бидат многу слаб“, вели Стојчов.
Стојчов е со став дека кризата и битката за храна не ги мотивирале земјоделците да посеат житни култури на големи површини, бидејќи освен ниската откупната цена, регионов бележи и пониски приноси. Како што вели, лебното зрно пополека ќе исчезне од нивите во Овчеполскиот регион. Земјоделците од ова здружение побарале и средба со ресорниот министер.
„Околу 1.000 до 1.300 членови имаме и тоа регистрирани земјоделци, но засега немаме одговор на нашето барање. Ни ветија дека ќе ни ги вратат парите за ѓубре по вреќа, но засега нема исплата на овие пари. Субвенции за житни култури не се земале можам да ви кажам 70 до 80“, рече Стојчов.
Стојчов е еден од најголемите производители на житни култури во Овче Поле и обработува околу 250 хектари од кои над 160 се посеани со јачмен и пченица.
Ребека Спасова М-Нет