
Шест кандидати се во трка за ректорското место на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“. Јавниот повик заврши на 20 мај, по што Универзитетската изборна комисија изврши увид и ја утврди уредноста на документите на пријавените кандидати.
За ректор на Универзитетот пријавени се: проф. д-р Татјана Атанасова – Пачемска и проф. д-р Владо Гичев, кои се редовни професори на Факултетот за информатика, проф. д-р Емилија Јаневиќ – Ивановска од Факултетот за медицински науки, проф. д-р Дејан Мираковски и проф. д-р Зоран Панов од Факултетот за природни и технички науки и проф. д-р Винета Сребренкоска од Технолошко техничкиот факултет.
Наставно – научните и наставно – научните и уметнички совети на единиците на Универзитетот ќе изберат Комисија од пет члена, која ќе го спроведува гласањето на единицата на Универзитетот. Гласањето за нов ректор ќе се спроведе на 13 јуни, по што изборните комисии ќе ги обработат резултатите и ќе ги достават до Универзитетската изборна комисија, која ќе ја донесе одлуката. Одлуката ја потврдува Сенатот, а новиот ректор се избира за мандат во времетраење од три години со право на уште еден избор. Новиот ректор ќе го води Универзитетот почнувајќи од 15 септември 2022 година, па сѐ до 14 септември 2025 година.
Ребека Спасова М-Нет