
Мултимедијална активност беше одржана вчеравечер пред штипскиот Музеј. Модна ревија, музички перформанс и литературно читање беа дел од програмата во рамки на настанот „Меѓународни денови на модата“ посветен на св. Кирил и Методиј.
„Самиот настан во својата содржина ги има изложбата со традиционални носии, изложбата со староградски носии. Учесници имаме и од Бугарија и Романија, кои со своите колекции се приклучија во изложбата. Денес ќе се одржат двете модни ревии на СОУ „Димитар Мирасчиев“ од Штип и на студентите до ТТФ при УГД Штип. Исто така ќе има и изложба на студентите од ТТФ“, истакнува проф. Ванѓа Димитриева Кузманоска.
На настанот свое претставување преку модна ревија имаа и учениците од текстилното училиште „Димитар Мирасчиев“, од каде директорката Марина Варадиновска го истакна задоволството за учеството во настанот. На овој начин учениците ја изразија својата креативност.
Настанот е од хуманитарен карактер, бидејќи креациите и изработките ќе бидат подарени на социјално – ранливи категории граѓани. Целта е да се упати повик до останати компании и училишта за земат учество на ваков хуманитарен начин.
За музичките точки на настанот се погрижија ученици од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ од Штип и Зоран Илиев. Присутните може да видат уникатни, шарени и креативни креации за најмалите и елегантни креации за повозрасните.
Ребека Спасова М-Нет