Денес во Јуроп хаус, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност го одбележа Меѓународниот ден на младите со настанот насловен „Можности без граници“, посветен на младинското учество, европските можности и личните приказни на младите кои преку различни програми ги прошириле своите знаења, искуства и хоризонти.
Настанот беше отворен со обраќања на директорката на Националната агенција, Ана Михајлов, министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и заменик-шефот на Делегацијата на Европската унија во РС Македонија, Бен Нупнау.
Во своето обраќање, директорката Михајлов истакна дека Меѓународниот ден на младите не смее да остане само датум во календарот, дека вистинската сила на едно општество се гледа во тоа колку доверба, можности и простор им дава на младите. Не преку убави зборови, туку преку конкретни политики, конкретни дела и конкретни резултати.
Михајлов изнесе конкретни факти: во изминатите дванаесет месеци Националната агенција реализираше повеќе од 250 индивидуални средби со сегашни и потенцијални корисници, како и над 50 различни настани во бројни општини низ државата, вклучително и во руралните средини, со цел Еразмус+ програмите да бидат што подостапни до младите.
Во периодот од 2021 до 2026 година финансиски се поддржани 170 проекти во висина од 5.48 милиони евра во полето на млади и 41 волонтерски и солидарни проекти. Преку 440 различни младински организации и неформални групи на млади луѓе од нашата земја биле директни корисници.
Од вкупно доделените финансиски средства околу 2.43 милиони евра наменети се за партнерства за соработка меѓу организации и институции, околу 1.25 милион евра се наменети за младински размени, додека над 1.15 милиони евра наменети се за мобилност на младински работници. За волонтерски и солидарни проекти пак, околу 300 илјади евра. Преку 5200 млади и 136 волонтери директно се вклучени во околу 4100 мобилности во проектите од 2021 до 2026. Во проектите се вклучени 1537 лица со помалку можности во периодот од 2021 до 2026.
Од направените анкети поднесени од 20.863 млади учесници од нашата земја задоволството од учество во програмата е на завидно 97.8 проценти. 84.4 проценти ги подобриле јазичните компетенции, 53.6 проценти од вкупниот број на учесници имаат стекнато или подобрено дигитални компетенци, 66.5 проценти се стекнале со компетенции за инклузија додека 99.4% имаат конкретен бенефит од учеството во проектите на европско ниво.
„Тоа е најдобар доказ дека кога на младите ќе им дадете доверба, фер услови и вистинска можност, тие знаат како да ја искористат“, заклучи Михајлов.
Како дел од програмата беше прикажано видео со сведоштва и искуства на млади луѓе кои биле дел од различни европски иницијативи, по што следуваше панел-дискусијата „Една можност може да го промени животот“. Учесниците споделија лични приказни за влијанието што програмите DiscoverEU, Европскиот солидарен корпус и младинските иницијативи го имале врз нивниот личен развој и нивната иднина.
Главната порака на настанот беше дека секој млад човек заслужува еднаква шанса да учи, да се развива и активно да придонесува во својата заедница, а институциите и партнерите треба да продолжат да создаваат услови за поголемо младинско учество и европска поврзаност.
По официјалниот дел, присутните имаа можност за вмрежување, размена на искуства и воспоставување нови соработки. Националната агенција останува посветена на создавање нови можности за младите и нивно активно вклучување во процесите што ја обликуваат иднината на општеството.
Текстот „Можности без граници“ – Националната агенција го одбележа Меѓународниот ден на младите е превземен од МАКФАКС.