
Пристигнаа апаратите за отисок од прст кои ќе се користат на 17 октомври, на денот на гласањето. Утре ќе гласаат пријавените болни и изнемоштени лица, како и ковид – болните во изолација, а апаратите ќе се користат исклучиво во недела. Претседателот на Општинската изборна комисија, Виктор Вацев, истакна дека се подготвени и во полн состав.
„Денеска во ОИК Штип пристигнаа апаратите за посебна биометриска идентификација за гласачите, познати како УБИГ. Вкупно се 80, за сите 80 избирачки места и добивме уште 25 резервни апаратчиња со кои ќе се спроведе гласањето, исклучиво само на денот на гласање. Значи, за оние кои гласаат дома и во КПД Штип апаратите не се користат, туку се користи традиционалниот спреј и ламба. Така оди процесот на гласање. Од денеска започнуваме со информирање на претседателите и членовите за подигање на избирачкиот материјал. Утре, сабота, си имаме распоред. Секој го добива избирачкиот материјал, го носи на избирачкото место и го уредува. Доколку има болни и немоќни, пристапуваат кон гласање и треба да биде спремно за недела. ОИК е спремна и работи во полн состав“, истакна Вацев.
Апаратите пристигнаа запечатени, а отворањето им е дозволено само на претседателите на избирачките одбори кои ги враќаат до ОИК кога ќе се затворат избирачките места.
Во меѓувреме, се подготвуваат и избирачките места со тоа што се врши нивна дезинфекција.
„Процесот на дезинфекција е веќе организиран. Во соработка со Центарот за јавно здравје ќе се изврши дезинфекција на избирачките места. Тоа ќе биде утре попладне, како и по завршувањето на изборите во недела навечер. Потенцирам, само во училиштата и во детските градинки каде се гласа, а за другите простории дезинфекцијата ќе се врши во понеделник наутро“, додаде Вацев.
За утре се пријавени 139 болни и изнемоштени, како и 21 лице во домашна ковид изолација. Во недела право на глас имаат 42.045 граѓани кои се запишани во избирачкиот список на 80 избирачки места.
Ребека Спасова МНет