Преку едукативни игри наставниците да го пренесат знаењето на учениците – нов проект во Кочани

Преку едукативни игри учениците полесно да ја совладаат наставната материја, а наставниците да им ги пренесат знаењата. Ова е целта на новиот Еразмус-проект којшто кочанското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“ од денеска започнува да го реализира со општини и невладини организации од Република Бугарија и Република Грција.

„Ова е проект што има за цел да се развијат едукативни игри кои ќе овозможат на поефикасен и поинтересен начин на учениците да им се пренесе целокупната содржина којашто е предвидена со наставниот план и програма во текот на наставно-образовниот процес. Сите знаеме дека имаме ученици коишто многу полесно ја совладуваат наставната материја, но и такви кои ја совладуваат со потешкотии и овој проект е наменет токму за нив. Сакаме на еден поинаков начин да им ја доловиме целокупната материја“, истакна Даниел Кралев, директор на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Кочани.

Носител на проектот е Општина Брацигово од Република Бугарија, со која Општина Кочани веќе има соработка и ова е втор проект. Претставникот од Општината вели дека се надева оти и овој проект ќе се реализира успешно и ќе придонесе за добри резултати.

„Многу сум среќен што сум повторно во Кочани, тука веќе имам многу пријатели,сметам дека реализирањето на овој проект ќе придонесе до развојот на учебниот процес преку нови технологии за децата во училиштата во Република Македонија, Република Бугарија и Грција. Исто така, мислам дека ова ќе придонесе и за развој на односите помеѓу општините, невладините организации и училиштата во трите држави. Сметам дека ваков вид проекти придонесуваат и за развојот на добрососедските односи и пријателството помеѓу нашите држави и се исклучуително добар чекор кон правилна насока за нашите народи да ја развиваат меѓусебната соработка“, вели Атанас Славов од Општина Брацигово.

Проектот првично ќе опфати неколку наставни предмети, а во период од две години кои се предвидени за имплементација ќе се прошири и на останатите. Добрите резултатите треба да ги даде соработката помеѓу училиштата и невладиниот сектор од државите-учеснички во проектот.

„Првично е планирано овој проект да се спроведува на предметите Англиски јазик, Математика и Природни науки. Откако ќе ги увидиме резултатите, ќе го пренамениме и за останатите предмети. Мислам дека во многу скоро време ќе се видат резултатите и дека од следната година ќе почнеме да ги применуваме овие методи и техники и кај останатите предмети“, додава Кралев.

ООУ „Св. Кирил и Методиј“ утре завршува еден од Еразмус-проектите кој се спроведуваше во претходните две години. Проектот е со фокус на заштедата на отпадот, како да се складира, а понатаму и рециклира.

Ребека Спасова М-Нет