Шаќири: Разгледуваме какви импликации врз буџетот ќе има ако ги стипендираме здравствените струки

Здравствените струки првично не беа вклучени во дуалните паралелки, бидејќи дуалното образование е наменето за дефицитарните струки, вели министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Токму затоа и не се вклучени во конкурсот за ученички стипендии за дуалните паралелки. Меѓутоа, од минатата година, додава тој, Министерство го поддржало интересот од страна на медицинските училишта и не ја отфрла можноста да се стипендираат и тие.

„Знаете дека првично дуалните паралелки, во претходните огласи не сме имале дуални паралелки за стручно образование во делот на медицината. Но од претходната учебна година се вклучија и дуалните паралелки во медицината, каде што и тие струки во соработка се средно стручно училиште. Во моментов дискутираме, знаете дека моделот за запишување во стручното образование е за дефицитарните струки“, вели Шаќири.

Шаќири посочува дека се прави анализа за тоа колкави импликации врз буџетот ќе има стипендирањето на околу 600 ученици од здравствените дуални паралелки, по што можно е да ги вклучат и нив.

„Без разлика на тоа, во моментов разговараме, се прави анализа за една вкупна бројка од 600 ученици запишани во дуалните паралелки и ако има потреба, според анализите, ќе ги вклучиме и тие 600 ученици во дуалните паралелки што се од медицина со промена на огласот за стипендија. Но се врши анализа, заради тоа што поттикнување на стручно дуално образование за дефицитарните струки, но претходната учебна година имаше интерес, го поддржавме тој интерес, тие ученици со најдобри оценки се сигурно добитници на тие стипендии, затоа разгледуваме колку се импликациите од буџетот за да можеме да ги вклучиме и тие“, додава Шаќири.

На денешната прес-конференција во која штипската Медицина реагираше за изземањето на здравствените струки од конкурсот, директорката Марија Николиќ посочи дека нив не треба да ги сместуваат во групата на кадар кој не е дефицитарен, бидејќи Истокот веќе се соочува со одлив на кадар.

Ребека Спасова М-Нет