Виничкото претпријатие „Солидарност“ ќе добие 2,5 милиони денари за исплата на долгови

Со структурна обврзница од 2,5 милиони денари преку Министерството за финансии, Општина Виница ќе го спасува комуналното претпријатие „Солидарност“ од тешката економска состојба. Структурната обврзница се издава на 10 години и им овозможува на општините да ги репрограмираат обврските и дава оснва општините да ги консолидираат своите буџети и да се фокусираат на својот развој, а износот треба да се враќа на десетгодишни еднакви рати.

„Ние во согласност со последните измени на Законот за финансирање на локалната самоуправа, каде што се дава можност на општините да аплицираат до Министерството за финансии за издавање на структурна обврзница за исплата на доспеани, а неплатени обврски на општините заклучно со 30 септември 2021 година. Според нашата евиденција, во тој момент ние имавме околу 12 милиони денари долгови, со што аплициравме до МФ. Според нивните критериуми, ни беа одобрени 2,5 милиони денари. Оваа обврзница ќе биде наменета за ЈКП „Солидарност“, коишто ја прифатија и со коишто ќе склучиме посебен договор за регулирање на меѓусебните права“, вели Миле Петков, Градоначалник на Општина Виница.

Сепак, Петков вели дека ова ќе ја подобри состојбата само минимално, бидејќи очекувале поголема вредност на структурната обврзница. Колку за споредба, Општина Тетово доби 250,2 милиони денари, а Желино 21,7 милиони денари.

„Да, иако ние очекувавме многу повеќе, сепак сме задоволни со оваа сума, што значи дека во некој дел ќе се подобри финансиската состојба. На тој начин ќе му помогнеме и на јавното претпријатие коешто е во многу тешка состојба, затоа што е блокирано и не може да си ги подмири своите долгови кон нивни доверители“, додава Петков.

Покрај структурната обврзница, која е предвидена со измени на Законот за финансирање на локалните самоуправи, на општините им стојат на располагање и други инструменти, како условен кредит исто така од Министерството за финансии и општинска обврзница. Петков вели дека сѐ уште немаат поднесено барање за општинска обврзница, но постои како опција.

Ребека Спасова М-Нет