Преку асфалтирање и реконструкција на улици до модерен Штип

Во наредните две до три седмици интезивно ќе се работи на градежни активности, реновирање и реконструкција на улици почнувајќи од срцето на Штип. Општината влегува во сериозни капитални зафати кои би го подобриле животот на штипјани.

„Како што гледате во центарот на градот градежната механизација веќе работи. Овде реконструираме дел од улицата „Вначо Прке“ каде што гледате дека веќе е асфалтирана. Ќе се реконструира ул.„Маршал Тито“ каде ќе имаме делумно тротоарно реконструирање и комплетно асфалтирање на целата улица. Во населба „Автокоманда„ ќе се реконструира ул.„Сутјеска““ – истакна градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов.

Во пет населби се работи на реконструкција на 11 улици. Дел од нив веќе се со започнати активности, како изгребаниот асфалт на улицата „Др. Слободан Јовановски“ пред касарната Јане Сандански“ во Штип. Активности се преземаат и на дел од улиците во населбите „Пребег“ и „Дузилак“ во Штип.

Првиот човек на градот под Исарот, Сашко Николов истакна дека со ова се подобрува ликот на Штип, градот добива нов сјај. Но, истовремено ги замоли граѓаните за трпение додека се извршуваат градежните активности, за сите потоа да живеат во чист, модерен и нов Штип. За реконструкција на улиците низ Штип од Буџетот на општина Штип се предвидени 11 милиони денари.

Лаура Стојанова М-Нет