
Големи штети остави невремето кое вчеравечер го погоди Делчево. Силниот ветер, поројните дождови и град предизвикаа поплавувањето на поголем број куќи во Делчево, оштетување на кровови на објекти и елекроенергетската инфрастуктура, како и откорнати дрва. Градот и околните места останаа без снабдување со електрична енергија.
Во расчистувањето на последиците активно се вклучени Територијалната противпожарна единица (ТППЕ), Центарот за управување со кризи (ЦУК) и екипи со специјализирана механизација како и екипа со шест вработени и моторни пили работи на отстранување на паднатите дрвја за да се воспостави нормална проодност на патиштата. Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја, електрични водови и нестабилни конструкции, како и да ги следат препораките на институциите.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, потврди дека за среќа нема повредени, но дел од жителите, меѓу кои и деца, морале да бидат безбедно евакуирани.
Дајана Сандева, М-Нет