Во обидите Штип да стане модерен град, никој не размислува на потребата од функционален јавен тоалет

Просторот обезбеден, просториите изградени, врати и прозорци поставени и толку. Вратите се заклучени, а граѓаните кои имаат вистинска потреба од јавен тоалет, имаат и вистинска мака бидејќи таков функционален тоалет нема во Штип.

А граѓаните на Општина Штип велат дека потреба навистина имаат, но не се ни секаваат кога последен пат имало јавен тоалет кој бил функционален.

Дали општината има предвидено средства за да се стави во употреба тоалетот, одговор побаравме и од надлежните. Секретарот на Општина Штип, Соња Китанова, истакна дека проблемот со јавните тоалети во градот под Исарот има подолга историја, потврдувајќи го фактот дека подолго време се оставени нефункционални.

„Градските тоалети во општина Штип иаат малку подолга историја, можеби повеќе од десетина години и повеќе. Некаде во периодот 2005/06 истите се комплетно реновирани заедно со паркот каде што се наоѓаат градските тоалети. Истите беа реновирани комплетно и тоа реновирани на многу високо градежно ниво. Во 2007 година тоалетите беа дадени на управување на ЈП„Исар“ со одлука на Советот на Општина Штип и во тоа време по неколку месечно управување од ЈП„Исар“ истите поради нерантибилност ги вратија на Општина Штип“ – истакна секретаорт на Општина Штип, Соња Китанова.

Јавните тоалети така како што биле изградени, и откако ЈП„Исар“ ги врати на општината му се доделуваат на приватен консесионер.

Моментално се работи на изнаоѓање на партнер кој ќе може да ги врати јавните тоалети во функционална состојба, меѓутоа во годинашниот Буџет од страна на општината не се предвидени средства за реновирање на градските тоалети.

Лаура Стојанова М-Нет