Превалец ја „искина“ мрежата на Ултрас, висока победа за Младост, реми во Градско

фото: ФК Превалец

Многу погодоци донесе седмата рунда од Третата македонска фудбалска лига, а гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност во живо преку директен пренос да го проследат дербито на колото меѓу Борец и лидерот Големо Коњари, во меч каде Големо Коњари со 1:3 го доби некогашниот прволигаш од Велес.

За овој натпревар телевизија М Нет објави детален извештај со сите моменти од истиот.

Што се однесува до останатите натпревари најголема победа во 7. коло однесе Превалец кој со 2:7 ја „искина“ мрежата на новајлијата Ултрас, кој немаше сили да го запре налетот на разиграниот фаворит.

Баракоски и Мечев беа стрелци за домашниот тим, додека пак за гостите хет-трик постигна Маневски, а по еден гол постигнаа Стефановски, Ставревски, Дукадиновски и Спиридонов.

Во Кривогаштани висока победа забележа домаќинот Младост во дуелот со Марена со резултат од 3:1. За домашниот тим стрелец на сите три гола беше Антонио Димоски, а пак за гостите единствен стрелец беше Јован Камчев.

Слободан Дуков со два гола го водеше Росоман до триумф над Слога на теренот во Долнени, каде гостинот триумфираше со 1:2. За домашниот тим единствен стрелец беше Адмир Угљанин.

Во Градско поделба на бодовите беше исходот од соочување на Локомотива и Питу Гули откако ремизираа играјќи 1:1. Домашниот тим преку Петров прв дојде до водство, а Котески израмни и ги постави конечните 1:1.