
Во Трета лгиа – Југ продолжува борбата за тоа кој да биде шампион, сега Превалец стигна до минус три бода од лидерот Борец и овие две екипи ја продолжуваат битката за првото место кое води кон баражот за Втора лига.
Велешани сакаат експресно враќање и засега делуваат сигурно со 52 бодови, три повеќе од Превалец кој овој викенд го доби заостанатиот меч и со 49 бодови е втор.
Изминатиот викенд во овој третолигашки регион се одиграа две кола, останатите екипи без било какво значење освен за престиж и за што повисок пласман на табелата. Покрај Превалец и Борец кои се борат за првото место, екипата на Венец речиси сигурно завршува на третото место.
Во Трета лига – Север исто така трката за првото место е сведена меѓу Еуромилк ГЛ кој е на врвот со 55 бодови и ја зголеми бодовната предност пред БВК Коњаре кој е втор со 48 бодови.
Лидерот со 0:4 го доби Лопате, а БВК Коњаре одигра 1:1 со Аеродром. Беса од Сарај стигна до шеста победа во низа откако славеше над Ржаничино, Башкими Љуботен со 3:2ја доби Беса од Слупчане, а пак Отља беше поразена на домашен терен од Куманово со 1:4.
Кадино стигна до триумф од 2:1 над Пчиња, а пак Фортуна и Студеничани одиграа 1:1.
Слична е ситуацијата и во Трета лига – Запад, лидер е Камјани со 40 бодови два повеќе од Влазерими кој е втор со 38 бодови, но лидерот има меч помалку.
Инаку, овој викенд во Трета лига – Запад се одиграа мечевите од 17. коло, каде Вардар Брвеница со 0:7 го доби Љуботен, Влазерими доби службени бодови од мечот со Скендербег, оти гостинот не дојде да го одигра мечот. Камјани со 6:0 ја декласираше Ренова, а пак Доброште загуби од Речица со 2:3.
Во Трета лига – Југозапад се одиграа мечевите од 13. коло, а на сите натпревари имаше голем број на погодоци. Света Троица и Кравари ремизираа играјќи 4:4, Караорман го загуби градското струшко дерби со Влазними со 1:2, Кораби со 3:1 ја доби Могила, а пак Славеј во гости славеше со 3:4 над Напредок Ношпал, во меч каде домаќинот имаше три гола предност, а на крајот остана без бодови.
Прв е Влазними со 28 бодови, Славеј е втор со 26 бодови, Могила и Караорман го делат третото место со по 22 бодови. Од овие четири екипи Влазними и Могила имаат меч помалку.
Овој викенд поради Велигденските празници немаше фудбал во Трета лига – Исток.
Александар Ванев, М-Нет