Штип УГД во четврток го започува походот по нова историја – освојување на шампионската титула, штипјани сакаат двојна круна!

ФОТО: ОК Штип УГД

Во четврток ќе се одигра првиот натпревар од финалната серија во Првата одбојкарка лига во машка конкуренција каде копјата ќе ги вкрстат Штип УГД и ГОК Борец во битка за шампионската титула.

Штипјани се пред нова можност да испишат уште една голема историја, веќе тимот од градот под Исарот ја освои Куп титулата, односно истата ја одбрани по третпат во низа, а сега тимот на Кристијан Ристески ќе оди по првпат да ја освои шампионската титула, што ќе биде нова историја за Штип УГД, а со тоа тимот да ја има двојната круна, нешто кое доколку се случи ќе биде за првпат во историјата на штипскиот колективен спорт.

Ова ќе биде реприза на Куп финалето, бидејќи двете екипи водеа борба за Куп титулата, каде штипјани беа подобри од велешани, а сега одново двете екипи ќе водат бобра за шампионската титула.

Ерата на доминација на струмичани заврши, а истата започна да се „руши“ откако Штип УГД трипати во низа ја освојува Куп титулата, а сега Струмица која е актуелен шампион остана без можноста да ја брани шампионската титула, а тоа значи дека Македонија ќе добие нов шампион.

На вакви натпревари решаваат нијанси, тактика, дисциплина, мали грешки, а Штип УГД ќе има блага предност за шампионската титула.

ГОК Борец по пауза од три години повторно ќе се бори за првиот шампионски трофеј од осамостојувањето на Македонија.

Првиот меч е закажан веќе в четврток кој ќе се одигра во Штип, вториот меч е планиран за 20 април во Велес, на 23 април ќе биде третиот меч во Штип. Терминот за четвртиот меч е за 27 април во Велес, а пак петтиот меч, доколку биде потребен ќе биде на 30 април во Штип.

Серијата традиционално се игра во три добиени натпревари, односно „подобар од пет“.

Александар Ванев, М-Нет