Првото црвено јајце е за Господ и има магиска моќ, со него се бањаат децата за да бидат здрави

Рано наутро, пред изгрејсонце домаќинките ги вапсаа првите три велигденски јајца. Највообичаено е јајцата да бидат вапсани во црвена боја, а со овие јајца се бањаат децата употебрувајќи се зборовите „бело, црвено, здраво“ како јајцето, со што се верува дека има и магиска моќ. Освен денеска јајца се вапсаат и во сабота ден пред Велигден.

„Првото јајце е за Господ, второто јајце е наменето за домаќинството и третото јајце е наменето за здравје и третото јајце е за бериќет во самата куќа. Првото фарбано јајце се верува дека има магиска моќ, однонос со него се бањаат деца со зборовите да биде „бело, црвено и здраво“ како јајцето. Децата на овој ден се бањаат и со здравец за да бидат здрави.“ – вели Иванова.

Освен црвената боја во денешно време се користат различни бои и методи за фарбање на велигденските јајца. Како што посочува Иванова секоја боја има свое обележје, но се е поврзано со здравјето, надежта, бериќетот во куќата.

„Освен црвената боја која е симбол на христијанството, се фарбаат јајца и во други бои. Зелената боја ја означува надежта, пролетта, сината боја го означува здравјето, а виолетовата богатството.“ – додава Иванова.

Освен јајцето, и зајачето е дел од традиционалното украсување за Велигден. Кокошката, јајцето и зајачето се доста испреплетени меѓусебно. Зајачето било симбол во северните земји, но испреплетеноста е еднаква и затоа се применува и кај нас.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет