
Иако сезоната во Првата лига започна, екипите продолжуваат со промоција на нови игра, а нови фудбалери има во Тиквеш и Струга Трим Лум.
Екипата на Тиквеш од Кавадарци се засили со Сандеј Алими, станува збор за 25-годишен фудбалер од Нигерија кој игра по десната крилна позиција. Минатата сезона нстапуваше за нигерискиот клуб Шутинг Старс, а пролетниот дел го помина без клуб.
Новото засилување на Тиквеш во неговата кариера има настапувано за У-21 тимот на Галатасарај, а во Турција настапуваше и за Ескиш ехир спор и за Кавала од Грција, како и за португалскиот Авес.
Екипата на Тиквеш новата сезона ја отвори со реми против Работнички пред својата публика во Кавадарци играјќи 0:0.
Поранешиот шампион Струга Трим Лум претстави две нови засилувања, се работи за Ѓорѓе Ивковиќ и Алтин Алији.
Ивковиќ кој веќе има искуство во македонскиот шампионат настапувајќи за Брера Струмица и беше најдобар стрелец сега ќе тресе мрежи за струшкиот прволигаш. Србинот во ПМФЛ има 31 натпревар, постигна 17 погодоци, а имаше и три асистенции и со тоа повеќе од јасно е дека Струга добива квалитетен напаѓач.
По заминување од Брера Струмица тој продолжи во Актобе од Казахстан, претходно настапуваше за повеќе екипи од Србија меѓу нив Турбина, Колубара, Јединство, Слобода Ужице, Спартак, Телеотик, Железничар Панчево, Раднички Срем, Златибор, Бежанија, ИМТ, во словенија беше дел од Анкаран, а пак во албанскиот шампионат настауваше за Лачи.
Алији пак има 18-години и веќе има завидно искуство со настапи во македонското првенство за екипата на Македонија ЃП од каде и започна со својата фудбалска кариера, беше дел од младинките категории на Вардар, а во Струга пристигна од косовскиот шампион Балкани.
Во ПМФЛ младиот Алији има одиграно 32 натпревари постигна два гола и запиша две асистенции.
Екипата на Струга новата сезона ја отвори со триумф од 2:0 над Македонија ЃП.
Александар Ванев, М-Нет