Празни тегли – толку зимница направиле штипските пензионери со покачувањето од 5,3%

Празни тегли покажаа штипските пензионери велејќи дека толку можеле да направат со покачувањето на пензиите кое го добија во септември. За нив, велат, оваа зима ќе останат празни тегли, ама во владиното бифе појадок, ручек и вечера се добива за 250 денари. Вистина е дека имаме најниски цени во Европа, посочуваат, ама само во македонската Влада.

„Ова ли е едно општество за сите кога во рацете држиме празни тегли? А зошто? Затоа што со покачувањето од 5,3% на пензиите не можевме да направиме зимница. Госпоѓо Тренчевска по допрен глас слушаме дека ќе имаме зимска помош. Можеби, се однесува на некое новогодишно пакетче кое ќе содржи шал, ракавици и капичка. Ние сме децидни, ви бараме линеарно од 5.000 денари и минимална пензија од 18.000 денари“, вели Соња Арсовска, претседателка на Иницијативен одбор – Штип.

Пензионерите на денешниот протест освен од министерката, побараа итна оставка и од претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери, бидејќи, како што велат, се вршел притисок врз здруженијата и како резулат на тоа има ниска излезност на протестите на скопските пензионери.

„Госпоѓо Станка Трајкова, пензионерите бараат од вас итна оставка. Зошто? Правите опструкции во сите здруженија, им праќате писма да не им се даде простор на иницијативните одбори да ги користат тие простории. Дали некаде видовте хаос, безредие во овие здруженија? Во скопските здруженија ги уценувале, а резултат на тоа е неизлезеноста на скопските пензионери. Ниско и дрско од Ваша страна“, додава Арсовска.

Пензионерките велат дека до следното покачување пари нема да останат ниту за тегли, а не, пак, за зимница. На денешниот протест посочија дека со барањата нема да запрат, туку протестите ќе ги радикализираат со блокирање улици и патишта.

Пензионерите од цела држава на 7 ноември ќе одржат генерален протест во Скопје, на пет места, пред странските амбасади. На следниот состанок на иницијативните одбори ќе се одлучува по градови, кои пензионери каде ќе протестираат.

Ребека Спасова М-Нет