
Да се направи нешто креативно и уникатно од рацете на учениците, а потоа да се продаде и собраните средства да се искористат за подобри услови во училиштето. Ваква идеја изложиле учениците на ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, а наставниците ја оцениле како интересна и мошне корисна. Од идеја до реализација, училиштето на крај добива нов клима-уред и завеси за две училници.
„Една од тие активности беше и изработка на соодветни предмети од страна на ученици од четврто до деветто одделение. Оовие предмети беа понудени за продажба во рамките на училиштето, а подоцна и низ поголемите институции во градот. Собраните средства од оваа продажба беа наменети за подобрување на условите во училиштето. Нашите ученици иако се мали по возраст, имаат големи идеи и остануваат забележани во нашето училиште“, истакна директорот Митев.
Учениците од Ученичкиот парламент, кои и ја реализирале идејата, посочија дека имале креативен процес на работа при што изработиле предмети кои наишле на позитивни реакции и особен интерес во институциите каде биле понудени на продажба.
„На работилницата изработивме предмети од хартија и од дрво, имаше накит, подметачи за чаша, украси за на биро и многу други работи. На купувачите многу им се допаднаа нашите изработки“, вели една од ученичките.
„Изработките ги понудивме во повеќе државни и приватни институции и на наше задоволство наидовме на голема поддршка. Сакаме да им се заблагодариме на сите кои нѐ поддржаа во овој проект, бидејќи ако не беа тие, немаше да успееме“, додава ученик.
Од реализацијата се задоволни и одговорните наставнички. Горди на своите ученици и ученички, посочија дека вакви активности имало и во минатото, а нивната реализација ќе продолжи и во блиска иднина.
„Работилниците се одвиваа во училиштето, поминаа во многу добар ред и организација. Сѐ започна од идејата на самите ученици, полека ја реализираме, добивме реалност за на крај да се пофалиме со многу интересни изработки на коишто, навистина, сме многу горди“, истакна Наталија Џамгозова, одговорен наставник во активноста.
„И во минатото имавме слична ваква иницијатива, меѓутоа таа беше со помал обем и со собраните средства од таа иницијатива успеавме да обезбедиме замена на веќезастарените завеси во еден од нашите кабинети. Секако, планираме истото да го правиме и во иднина и се надеваме дека со покреативни и поубави работи ќе се дружиме повторно“, вели Елена Милева, одговорен наставник во активноста.
Активноста е реализирана во рамки на Светската недела на детето, која е првата седмица од месец октомври.
Ребека Спасова М-Нет