По 15 декември ќе се лови само дивата свиња на повисоките места, какви последици оставија пожарите?

Во тек е ловна сезона. По 15 декември ќе може да се лови само дивата свиња и крупниот дивеч во повисоките места и на планините. Од Ловното здружение „Ловец“ од Штип велат дека во регионов има доста ловишта, но потребна е поголема грижа за дивечот да не исчезне и да може да се лови. Додаваат дека треба да се намали и бројот на странци кои ловат на македонските ловишта.

„Во тек е ловечката сезона, на прелетен дивеч заврши, сѐ уште се лови јеребицата и зајакот, но на 15 декември и тоа ќе се забрани и ќе остане само ловот на крупен дивеч во повисоките места на планините на дивата свиња.“ – вели Малинов.

Проблем кој се појавува се оголените планини од пожарите летово. Тоа преставува голема штетакога е во прашање ловството, но и за самата средина. Резултат на тоа е и појавата на диви свињи во приградските штипски населби. Токму затоа Малинов вели државата треба да преземе поголема одговорност, да се создадат услови за лов, и да не се намалува бројот на ловци.

„Тоа е огромна штета за сите нас. Ние сакаме чиста животна средина, сакаме да има дивеч оти кога има дивеч ќе има и повеќе ловци. Бројот на ловци се намалува. Тука државата треба да преземе мерки за пристап до терените бидејќи јас лично учествував во гасењето на пожарите и имавме проблем со пристапот до теренот каде гореше.“ – додава Малинов.

Ловците треба примерно да се однесуваат кога се во шума или во природа. Малинов вели дека не треба да се пали оган, а тие се најчесто први кои реагираат при појава на пожар на отворено.

Лаура Стојанова М-Нет