
По пет години затвор добија тројцата турски државјани кои беа обвинети како помагачи во убиството што во мај минатата година се случи на плоштадот во кафич во Штип. Пресудата беше изречена денеска, а судот утврди дека тие со своите дејствија помогнале во извршувањето на кривичното дело убиство. Во истиот предмет, четвртата обвинета беше осудена на три месеци затвор, но со оглед дека и се засметува времето поминато во притвор, таа практично ја има издржано казната. Судот истовремено им изрече и казна протерување странец од земјата кое ќе трае засекогаш.
,,Ги осудува обвинетите Рамазан Аџет, Селахатин Арслан, Осман Метихан Кулдур како помагачи за сторено кривично дело убиство на казна затвор од по 5 години.Во изречената казна затвор на обвинетите, сите од Турција им се пресметува и времето поминато во притвор сметано од 5 мај 2025 па се додека притворот трае. Судот им изрекува и казна протерување странец од земјата кое ќе трае засекогаш, кое започнува од денот на протерување на сторителот од територија на Македонија, а казната ќе се изврши по издржување на изречените казна затвор во траење од по 5 години.“, Недкова
Како што беше истакнато, на четвртата обвинета Мелис Талу и се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор, поточно од осми мај 2025 до 05.08.2025 година. Изречените мерки на претпазливост спрема обинетата остануваат во сила до правосилно завршување на постапката
Инаку, убиството се случи во кафич во Штип, а убиецот Кадир Кара, кој призна вина е осуден на затворска казна од 17 години и протерување од државата, откако ќе ја издржи казната во македонски затвор.
Иван Митев, М-Нет