
Во судар помеѓу три автомобили вчера вечер во 21 часот и 30 минути на регионалниот пат Радовиш – Штип почина 42 годишен маж од Кочани. Смртта настапила моментално. Во несреќета повредени се уште четири лица на кои им е пружена лекарска помош во Клиничката болница.
Несреќата се случила откако автомобил кој сообраќал од Радовиш кон Штип претекнувајќи друг автомобил, директно се судрил со автомобилот кој се движел во спротивниот правец, информира Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип
-„Вчера вечер во 21 часот и 30 минути на патот Радовиш – Штип близу клучката кај село Љуботен се случи сообраќајна несреќа помеѓу автомобил „Опел Корса“ со штипски регистарски ознаки управуван од 33 годишен возач од Кочани, патничко возило „Пежо 206“ управувано од 28 годишен возач од Радовиш и патничко возило „Мерцедес“ со штипски регистарски ознаки управуван од возач од Кочани. Во несреќата починал сопатникот во автомобилот „Опел Корса“ на возраст од 42 години од Кочани“.
Регионалниот пат Штип – Радовиш е место на бројни сообраќајни несреќи. Од полицијата велат дека причина за трагичните несреќи најчесто е брзото возење и непочитување на сообраќајната сигнализација. Решението се гледа во пуштањето во употреба на експресниот пат Штип – Радовиш кој е во изградба.
Славица Величковска
Горан Христовски