
Почина Димитри (Мирков) Симеонов – фудбалска легенда на второлигашот Слога од Виница и на македонскиот фудбал. Мирков во сезона 1978/79 година се збогува од активно играње, кој со постигнатите голови и одиграни натпревар ќе влезе во легендите на виничкиот и македонскиот фудбал.
Мирков е легенда на македонскиот фудбал. На натпреварот Слога – Пролетер (Стојаково) домашниот тим забележа победа од 18:0, а од 18 погодоци, седум беа дело токму на Мирков, што исто така претставува своевиден рекорд. Во сезона 1977/78 во Првата фудбалска лига, Мирков е на врвот на листата на стрелци во есенскиот дел со 10 постигнати погодоци.
Во сезона 1976/77 година, Мирков поставува уште еден рекорд, откако во 12 одиграни кола постигнал 34 погодоци, а рекордот е на Куп-натпреварот против екипата на Македонка од Штип, кога во далечната 1977 година, Мирков постигнува 10 голови.
„Денес не напушти еден голем пријател, играч, тренер, член на управата и голем подржувач на нашиот фудбалски клуб, пред се човек што во својот живот многу допринесе во афирмацијата на спортот и фудбалот на нашиот град. Почивај во мир Димитри (Мирков) Симеонов – Шате овој клуб никогаш нема да те заборави. Сочуство до фамилијата“, се вели во соопштението од ФК Слога 1934 Виница.