
Вкупно 13 ученици од средните и основните училишта во Штип денес со градоначалникот, Иван Јорданов, ги потпишаа договорите за доделување стипендии и еднократни парични награди. Од 13 рангирани по бодовната листа, првите четворица добиваат награда во вредност од 30.000 денари, а сите 13 се поделени во три групи според висината на стипендијата која ќе ја добиваат во времетраење од 12 месеца, односно до крајот на тековната учебна година. За учениците ова значи дополнителна мотивација.
Задоволството го истакна и градоначалникот, Иван Јорданов, кој најави проширување на стипендиите за следната година и безрезервна поддршка за штипските ученици.
„Навистина едно прекрасно чувство да се биде во присуство на ученици коишто дефинитивно ќе прераснат во идни доктори на науки, адвокати, професори, правници, економисти, коишто ќе го генерираат развојот на град Штип. Нашата основна цел е да го стимулираме образованието, да ги стимулираме овие наши ученици да продолжат со своите успеси, но и да ги прошириме стипендиите за следните години“, истакна Јорданов.
Според ранг листата, првите тројца ќе добиваат стипендии во износ од 3.000 денари за секој месец, за следните тројца стипендијата е со висина од 2.500 денари, а следните седум ученика ќе добиваат месечни стипендии по 2.000 денари. За месеците од септември до декември сумата ќе им биде исплатена до крајот на оваа година.
Ребека Спасова М-Нет