
Поставен камен-темелникот за изградба на камбанеријата во црквата „Св. Јован Крстител“ во село Баница – чин што носи длабока духовна симболика и значење за целата заедница.
Во раните утрински часови денеска, со молитва и благослов, верниците и мештаните се собраа да бидат сведоци на почетокот на изградбата на ова значајно дело. Камбанеријата, како дел од црковниот живот, ќе претставува не само архитектонско надополнување, туку и духовен столб кој ќе ги повикува верниците на молитва и заедништво. Тие овде наскоро ќе можат да ги извршуваат своите верски потреби, како за венчавки, така и за крштевки и празници.
Овој важен момент е резултат на заедничка волја, љубов и посветеност кон верата и традицијата. Изградбата што започнува денес ќе остане како траен белег за идните генерации – сведоштво за единството и духовната сила на жителите на Баница.
Од црковниот одбор упатија покана до сите добронамерници да се приклучат и да го поддржат овој свет чин, истакнувајќи дека секое присуство и подадена рака значи многу за остварување на оваа заедничка цел.
Верниците посакаа работниот процес да се одвива во здравје, мир и слога, а камбаните што ќе се издигнат наскоро го исполнат просторот со радост, вера и благослов за сите.
Иван Митев, М-Нет