Последна рака тутун се бере во плачковичките села, сланата го најавува крајот, откупната цена се уште непозната

Последна рака тутун се бере во плачковичките села, утринската слана најавува дека бербата е при крај. Тутунарите ги берат последните листови, а се повлажното време им создава проблеми и во сушењето на тутунот. Со пониските утрински температури, производителите брзаат да го соберат преостанатиот тутун од нивите, иако се уште не се знае колкава ќе биде откупната цена, бидејќи договор со откупувачите нема. Од Асоцијацијата на земјоделци велат дека наскоро се очекува да има повеќе информации за цената.

,,Тутунот се уште има берба, тутунарите ја берат вршката. Почнаа да имат проблеми со сушењето, затоа што времето е веќе по влажно, мешутоа веќе е при крај, затоа што наутро веќе почна да има и слана, така да привршува бербата на тутунот. Се уште не знаеме, не сме се догвориле со откупувачите, ќе видиме, многу скоро треба да се знае и цената.“, кажа Серафимов

Под 600 денари, тутунарите од плачковичко велат дека откупната цена годинава би била незадоволителна. Поинаку велат на оваа цена на нафтата, па и трошоците, би излегло дека работат колку да не седат бадијала дома.

Тутунарите и натаму очекуваат добра откупна цена, имајќи предвид дека годинава производството е добро, а тутунот е со добар квалитет. Сега останува да се види колку ќе вреди нивниот труд и дали откупната цена ќе ги оправда нивните очекувања.

Иван Митев, М-Нет