Полицијата разговара со лице осомничено за пожарите во Кавадаречко, огнот повторно се разгори

Пожарот во атарот на селото Раец во Кавадаречко, кој избувна синоќа на пет локации, повторно се разгори поради високите температури и силниот ветер, соопшти градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Тој нагласи дека сите расположливи екипи се на терен и вложуваат максимални напори за локализирање на огнената стихија.

Пожарникарите и екипите на терен цела ноќ се бореле со огнот на исклучително непристапен терен и успеале да ги локализираат пожарите, но поради временските услови дошло до ново активирање. Се апелира граѓаните да не се движат во загрозените подрачја и веднаш да пријават доколку забележат ново жариште или сомнително однесување.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, објави дека постои осомничено лице за подметнувањето на пожарот во Кавадаречко.

„Лицето било забележано, потоа побегнало, а подоцна било пронајдено. Полицијата разговара со него“, рече Ангелов, додавајќи дека МВР работи на целосно расчистување на случајот.

Тој информираше и дека во текот на вчерашниот ден низ државата биле регистрирани околу триесет пожари на отворен простор, при што голем дел од нив биле предизвикани од човечки фактор.

„Доволна е една искра за да избувне пожар. Казните се високи, а полицијата работи на откривање на сите сторители“, порача тој.



Текстот (Видео) Полицијата разговара со лице осомничено за пожарите во Кавадаречко, огнот повторно се разгори е превземен од МАКФАКС.