Повторно се гради црквата „Св. Кирил и Методиј“ во нас. Баби, се очекува осветување по 30 години

По неколку години, повторно се гради црквата „Св. Кирил и Методиј“ во населба Баби. Црковниот одбор заедно со Општина Штип и општествено-одговорни компании издејствувале за овозможување услови градбата повторно да продолжи и со тоа да се подобри состојбата за претстојниот празник.

„Како што гледате самите, во нашата црква оваа година постигнавме голем успех, дојдовме до момент во кој можеме црквата да ја покриеме, така што се заблагодаруваме на сите спонзори кои ни го овозможија тоа и помогнаа оваа црква за празникот да биде малку од малку барем подобрена. Голема благодарност до градоначалникот, кој исто така во текот на оваа година даде придонес во градбата“, истакна Живко Џолев, претседател на Црковен одбор на Црквата „Св. Кирил и Методиј“ во населба Баби.

Сепак, сѐ уште не се знае кога градбата ќе заврши и уште колку финансиски средства и ресурси може да се овозможат. Но по завршувањето на градежните активности, градоначалникот Јорданов, кој денеска направи и увид на работата, посочи дека како Локална самоуправа ќе го уредат просторот околу црквата.

„Јас се надевам и ветувам дека во наредната година по завршувањето на градежните активности на самата црква дополнително и ние како Локална самоуправа освен комуникацијата со општествено-одговорни компании, со Црковниот одбор, партерно ќе го уредиме и дворот за да населба Баби, конечно, добие црква и да се изгради овој храм. Нашата цел не е само овде, туку и во населбите Железничка и Караорман сите цркви кои што биле започнати да се градат, да бидат завршени и жителите на општина Штип да добијат храмови во секоја населба“, вели Јорданов.

Темелите на црквата „Св. Кирил и Методиј“ беа поставени во деведесетите години од минатиот век, но по многу проблеми, почна да се гради во 2014 година, по што повторно имаше застој. Црквата е дамнешна желба на жителите на населба Баби, кои се надеваат дека конечно ќе се случи нејзино осветување по 30 години.

Ребека Спасова М-Нет