„Воскресение“ е нов албум на штипски музички имиња, духовна музика по повод Велигден

„Воскресение“ е називот на новиот музички албум на штипските музички имиња Трајче Ефремов, Ивица Јорданов и Коки Јанков. За аранжманот и снимените песни одговорен е Роберто поп Димитров и музичкото студио „Кентаур“. Музичкиот албум викендов ја доживеа својата промоција пред заинтересираната публика.

„До реализација на идејата дојдовме неколку луѓе. Инаку, учество земаат наши познати реномирани штипски уметници, музичари. Тоа се Трајче Ефремов, вокал и гитара, Ивица Јорданов, познат штипски гитарист, Коки Јанков, виолина, така што сите ние дојдовме до идеја да направиме едни преработки“, вели Симе Петровски од Здружението ФОКУС.

Албумот излегува во период на големиот христијански празник Велигден и токму затоа го носи името „Воскресение“. Станува збор за духовна модерна музика, музички композиции кои се преработка од американски песни. Пораката на истите е да се остави едно духовно наследство за општеството.

„Овој проект се реализира. Имавме една интересна идеја – зошто да не направиме нешто, па времето некако се поклопи баш да излезе за време на големиот христијански празник Велигден. Од таа причина се мислевме кое име да го носи албумот и се одлучивме за името „Воскресение“. Многу сме среќни и задоволни што албумот беше завршен навреме. Се надевам дека овие песни ќе имаат едно длабоко влијание на луѓето коишто ќе ги слушаат, луѓето коишто ќе бидат изложени на нив и ќе бидат поттикнати да може малку и духовно да се разбудат, да почнат едно духовно патешествие, една духовна потрага кон Бог“, додава Петровски.

Музичкиот албум на промоцијата се продаваше по цена од 250 денари, а истиот може да се набави преку Здружението ФОКУС кое е организатор и реализатор на проектот, а чие мото гласи „Фокусирај се на вистински вредности“.

Ребека Спасова М-Нет