Повторно пролонгирано затворањето на Штипско културно лето 2021

Повторно пролонгиран датумот за затворање на Штипско културно лето. Претходно директорот на НУЦК „Ацо Шопов“ Штип, Горан Трајков, најави дека последните настани ќе бидат одржани до 6 август, па со нив ќе биде и затворањето. Причините биле објективни, зборуваше тој, заради претставата „Крилја“.

Но настаните не се организираа, а датумот на нивно одржување сè уште не е познат. За публиката е нејасно што ќе се случи со овогодинешното Штипско културно лето, а и кога можат да присуствуваат на најавените промоции.

Како одговор на ова директорот Трајков посочи дека овој пат причината е тоа што целата екипа била насочена кон остварување на новиот проект, кореодрамата „ЕДИП КОМЕНТАРИ“.

Тој најави дека настаните ќе бидат реализирани по премиерата и враќањето од годишните одмори. Со тоа Штипското културно лето би требало да биде затворено по први септември.

Инаку, настаните коишто останаа нереализирани се промоциите на книгата „Три бои на љубовта“ по повод 35 години творештво на Трајче Кацаров и списанието „СУМ“ по повод 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

Триесеттото издание на штипското културно лето започна на 26 јуни, а требаше да трае 29 јули. Со пролонгирањето истото се очекува да биде затворено во септември, што е за два месеца подолго од планираното.

Ребека Спасова МНет