
Повредените лица од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, преку писмен допис до јавноста, упатија реакција на најавените кадровски промени во Општата болница со проширена дејност, кои, како што предупредуваат, сериозно ќе влијаат на нивниот третман и лекување. Имено, докторката Катерина Паниќ Мирчовска заминава на работа во друга болница.
„Вистината е – не знаеме што нè чека утре. Никој не ни кажува кој ќе дојде после неа или како ќе изгледа нашата понатамошна грижа. Се прашуваме дали пак ќе останеме сами? Повеќе не веруваме. И сакаме сите да знаете – не е исто. Не е исто кога некој само ја пополнува смената, и кога некој навистина се грижи. Ние тоа го чувствуваме секој ден, на секој преглед, во секој здив од болка. Докторката Кате не беше само лекар – таа беше наша надеж, сила и стабилност. Начинот на кој ни пристапуваше со човечност, посветеност и разбирање не може да се замени. Во неа стекнавме длабока доверба – доверба што не доаѓа лесно кога се поминува низ траума и неизвесност“, додаваат повредените.
Од Општата болница во Кочани потврдија дека докторката Катерина Паниќ Мирчовска уште на почетокот од годинава поднела лично барање за прекин на работниот однос, поради нов ангажман во градската болница „8 Септември“ во Скопје. Според болницата, нејзиното заминување не било поврзано со пожарот, бидејќи било најавено многу порано.
Одлуката за нејзиното прераспределување била потпишана од поранешниот министер за здравство Арбен Таравари. Сепак, нејзиниот престој бил продолжен благодарение на реакцијата на заменик-министерот Јовица Андовски, кој ја запрел примената на решението – со цел докторката да остане во Кочани сè додека пациентите имаат потреба од нејзината здравствена нега.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет