
Овој викенд на програмата се натпреварите од 24. коло од Втората македонска фудбалска лига. Неколку екипи кои се борат за опстанок во оваа коло немаат право на грешка.
Тетекс на домашен терен ќе бара три бодови во дуелот со Вардар Неготино со цел да направи бодовна разлика од опасната зона. Победа сака три бодови во дуелот со Кожуф, а мотивот кај ланскиот суперлигаш е голем откако во радовиш освои голем бод.
Прилепчани поминуваат низ тежок период и мака мачат да го обезбедат опстанокот, финансии нема, се игра без плати, но сепак Победа би можела да опстане во Втора лига, но прашање е дали тука нешто ќе се промени за следната сезона. Освен браво и поддршка од навивачите и прилепската спортска јавност, младите фудбалери на Победа не добиваат ништо друго.
Во Прилеп за дуелот со Кожуф се очекува многу публика и поддршка за младите фудбалери да забележат триумф над гостинот од Гевгелија и да направам огромен чекор кон опстанокот.
Во Битола ќе се соочат фаворитот за Прва лига екипата на Пелистер и Арсими, во меч каде домашниот тим предводен од Влатко Костов ќе биде фаворит за трите бодови, а со тоа битолчани го продолжуваат патот кон враќање во фудбалската елита.
Осогово на домашен терен ќе игра тежок натпревар против Детонит Плачковица, натпревар на кој и двете екипи ги посакуваат три бодови. Радовишани ќе бидат фаворити за трите бодови, а предност за Осогово ќе биде домашниот терен и верната публика. Поразот на „жетварите“ во Македонска Каменица ги става во речиси многу тешка позиција за опстанок, а мечот против радовишани е од капитална важност за екипата која во последните три кола ќе има многу тешка задача да собери бодови.
Охрид на домашен терен ќе игра против Новаци кој влезе во длабока резултатска криза и веќе го загрозува опстанокот. Во есенскиот дел повратникот во Втората лига беше хит и изненадување, во пролетниот дел Новаци е далеку од онаа екипа која ја гледавме во есенскиот дел. Трите бодови се императив за екипата на Новаци.
Лидерот Беса на домашен терен ќе игра против ланскиот прволигаш Скопје. Екипата на Александар Таневски ќе биде фаворит за трите бодови, а со триумф, Беса ќе стави и печат на патот кон Првата лига.
Саса овој викенд гостува во Струмциа кај Беласица и тука нема право на грешка, односно ќе мора да ги освои трите бодови, ако сака и следната сезона да биде дел од Втората лига. За „рударите“ ќе биде тешко гостување, но мотивот кај фудбалерите е голем после трите пролетни победи.
Башкими на домашен терен ќе се соочи со Караорман кој е длабока криза и од претходното коло стана „фенерџија“. Домашниот тим ќе биде фаворит за трите бодови, против стружани, кои се блиску до испаѓање во Трета лига – Југозапад.
Александар Ванев, М-Нет