
Во период кога се актуелни пензионирањата во јавното здравство, но и со здравствената криза, се поставува прашањето колку истите влијаат и во здравствените установи од истокот. Здравствените домови, но и Итната медицинска помош се оние кои имаат обврска секојдневно да се на располагање на потребите на граѓаните. Во услови кога здравството се соочува со сериозен недостиг на лекари, специјалисти и останат медицински кадар, Министерството за здравство не дозволи лекарите над 64 години да го продолжат работниот однос, но од Итната медицинска помош во Берово уверуваат дека ова не е пречка во работењето.
„Во ИМП Берово има вработено пет лекари со решение на неопределено време. Во моментов еден лекар е на специјализација, а еден е на породилно отсуство. Третиот лекар е на подолготрајно боледување. Во 2019 година три матични лекари имаат потпишано договор со ЈЗУ Здравен дом Берово, кои при дефицит се вклучуваат во ИМП. Се вклучува и специјалист интернист кога има потреба. 24 часа, 365 дена има лекар, две медицински сестри и возач во ИМП на секоја смена за кое нешто постои распоред на огласната табла на влезот и во архивот на установата.“ – се вели во писменото соопштение кое го доставија од ЈЗУ како одговор на прашањата од М-Нет Телевизија.
Од таму порачуваат дека Итната медицинска помош ниту ќе се укине, ниту, пак, вработените ќе останат без работа, освен ако по ЗРО не исполнат услови за пензионирање или по нивно барање. Потврдуваат дека со ова се задоволуваат сите потреби на пациентите, па нема простор за загриженост.
„Располагаме со пет санитетски возила, пет тима во ИМП, рентген кој работи во две смени и еходијагностика, лабораторија која работи во две смени. Сите пациенти се прегледани и транспортирани по потреба до Клиничка болница Штип и Скопје. Населението е меѓу највисокиот процент вакцинирано со стационарна и теренска вакцинација против КОВИД – 19 и редовна вакцинација во превентивниот оддел. Ги обезбедуваме и спортските и културно – забавните манифестации. Функционира патронажната служба во посета на новородените бебиња и старите и хронични болни со четири сестри од патронажната служба.“ – додаваат од ЈЗУ.
Подвлечуваат дека работењето се одвива без проблеми, а граѓаните може и сами да се уверат во тоа.
Ребека Спасова М-Нет