Денес и утре – прскање против комарци во Кочани, граѓаните велат – прскањата се без ефект

Денес и утре во Кочани ќе се прска против комарци. Во вечерните часови ќе се спроведе тереистичко прскање за заштита од комарци, а утре наутро третирањето ќе биде авионско. Од Општината во писмено соопштение велат дека при прскањето ќе бидат употребени инсектициди одобрени од Бирото за лекови, а ќе биде опфатен градот Кочани и околните села.

„В понеделник, 18.7.2022 година, во вечерните часови, стручна екипа од Кавадарци ќе ја спроведе втората фаза од превентивното тереистичко прскање за заштита од комарци. Ќе бидат опфатени селата Тркање, Мојанци, Горни и Долни Подлог, Грдовци, Прибачево и Оризари. В вторник, 19.7.2022 година, во раните утрински часови, стручки екипи од Куманово ќе ја спроведат втората фаза од авио третирањето против комарци. Со авио третирањето ќе бидат опфатени површините во градското подрачје на Кочани и низинските села на територија на општина Кочани.“ – се вели во соопштението.

Градоначалникот Љупчо Папазов вели дека регионално прскање нема да има, туку секоја општина индивидуално ќе го решава проблемот. За ефектите, пак, вели дека треба да зборуваат граѓаните.

„Регионално прскање нема да има затоа што сето тоа треба да се спроведе преку еден систем и да се обезбедат средства за прскање. Малите општини го немаат тој капацитет и заради тоа остануваме сите поголеми општини индивидуално да го решаваме ова прашање. За ефектите треба да одговорат граѓаните. Сметам дека по авионското и тереистичкото прскање ќе се почувствуваат првите ефекти од прскањето“, вели Папазов.

Меѓутоа, граѓаните не се задоволни од досега спроведените прскања. Велат дека третирањето не се чувствува, бидејќи комарците секоја вечер ги има сѐ повеќе.

Инаку, досега во Кочани се спроведе едно авио третирање за заштита од комарци и две тереистички прскања.

Ребека Спасова М-Нет