Пенал рулетите среќни за Силекс, Македонија ЃП и за Струга ТЛ кои продолжуваат во полуфиналето на македонскиот куп

Екипите на Силекс и на Брегалница одиграа вистински првенствен натпревар во кој не се штедеа играчите ниту на едните, ниту на другите. Се играше фајтерски, со наизменични напади и со атакување кон колот и на Денковски и на Божиновски. Силекс уште во 3 м. има шанса за откривање на резултатот, но силниот удар на Манасиевски заврши во стативата која беше сојузник на Денковски. Брегалница имаше свои шанси но во првиот дел мрежите мируваа. Почетокот на второто полувреме се зачини со голови, се играше 47 м. кога Бобан Георгиев направи вистински дар – мар по левата страна и како на тацна го послужи Милан Џокиќ кој ја затресе мрежата на Силекс за водство на Брегалница и резултат 0:1. Не траеше дилго водството на Брегалница, играчите на Силекс продолжија со мирна игра и во 55 м. Калановски се реши на удар од далечина а топката заврши во долниот десен агол на голманот Денковски за резултат 1:1. До крајот на регуларниот тек вистински јунак беше младинскиот репрезентативен голман Давид Денковски кој ја спаси Брегалница од примање на нови голови. Свои шанси имаше и Брегалница, но се реагираше брзоплето и неефикасно по што се отиде во пенал – рулетот. Прв од 11 м. шутираше и тоа прецизно Алији за водство на Силекс од 1:0. На 1:1 израмни Кудијан. Втората пенал среија со гол ја отвори Пеев за водство од 2:1.Прецизен за Брегалница беше Маневски кој израмни на 2:2. Третата серија беше „баксузна“ и за Силекс и за Брегалница. Најпрвин Стојан Стојчевски силно ја дрмна стативата а ударот од 11 м. на Азиновиќ голманот Божиновски атрактивно го одбрани. Во четвртата серија прецизен за 3:2 беше Спирковски а кај Брегалница Ескиќ израмни на 3:3. Петтата серија заврши со прецизни удари на Калановски за 4:3 и Бакрачевски кој израмни на 4:4. Шестата серија со гол ја отвори Митев за водство на Силекс од 5:4. Веднаш потоа Алтипармаковски шутираше силно, но Даниел Божиновски но негов стил со парада атрактивно одбрани што беше сигнал за огромна радост на играчите и навивачите на Силекс и пласман во полуфиналето на Македонскиот куп. Мора да се истакне и одличната „свирка“ на судиската четворка од Кичево на чело со главниот Александар Грујоски за што заслуга имаат и актерите на теренот за нивниот фер и коректен однос. Еве ги резултатите од четврт – финалните борби:

  1. Шкендија – СТРУГА ТЛ 0:0 на пенали победи Струга ТЛ и продолжува во полуфинале
  2. МАКЕДОНИЈА ЃП – Шкупи 0:0 на пенали Македонија ЃП
  3. СИЛЕКС – Брегалница 1:1 на пенали Силекс
  4. Натпреварот Пелистер – Вардар поради големите наноси на снег во Битола не се одигра и е поместен за 15 декември оваа година. Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk